Овој извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Ова е јубилеен, десетти ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, земајќи ги предвид коментарите и мислењата на државните институции и невладините организации. Претходните девет извештаи ги покриваа следните периоди: октомври 2014 година – јули 2015 година, јули 2015 година – април 2016 година, мај 2016 година – јануари 2018 година, јуни 2018 година – март 2019 година, април 2019 – март 2020 година, април 2020 – септември 2021 година, октомври 2021 – септември 2022 година, октомври 2022 – септември 2023 година и октомври 2023 – септември 2024 година.
Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на октомври 2024 година, заклучно со крајот на септември 2025 година. Во извештајот се прикажани податоци што се релевантни и пред октомври 2024 година, доколку тие биле потребни за контекстуализација или за појаснување на новостите од тековниот извештаен период, а се релевантни за него. Периодот на опфат на извештајот соодветствува на извештајниот период на Европската комисија (ЕК) за Република Северна Македонија (РСМ). Овој нацрт-извештај ја следи структурата на Поглавјето 23, согласно извештајот на ЕК. На крајот на секоја област во рамка се издвоени препораки.
Извештајниот период беше одбележан во знак на спроведувањето на Реформската агенда на Република Северна Македонија на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, која претставува сеопфатен пакет мерки за постигнување на предвидените цели во приоритетните области договорени со EK, меѓу кои е и владеењето на правото.
Овој извештај во сенка е изготвен во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“. Проектот е финансиран од Европската унија и има цел да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во Европската унија.