ЛГБТИ+ лицата во Северна Македонија и понатаму се соочуваат со широко распространета дискриминација, насилство и социјална исклученост, како и со системски пречки кои ги ограничуваат нивните права и безбедност. Според истражувањето ЕУ ЛГБТИК III на Агенцијата за темелни права на Европската унија (ФРА), во Северна Македонија само 21% од анкетираните можат отворено да зборуваат за својот идентитет – далеку под европскиот просек кој е 51% – додека 74% активно избегнуваат јавни манифестации на наклонетост поради страв од вознемирување. Колку се овие лица загрижени за својата безбедност се покажува и со фактот дека 43% избегнуваат одредени подрачја за да го намалат ризикот од напад.
Дискриминацијата се протега и на работното место, каде 27% пријавуваат пристрасност во вработувањето, во споредба со европскиот просек од 19%. Насилството и понатаму е итно прашање, при што 17% од ЛГБТИ+ лицата пријавиле физички или сексуален напад во изминатите пет години – стапка која е повисока од многу други европски земји. Распространето е и вознемирувањето, при што 63% изјавиле дека доживеале вакви инциденти во изминатата година, надминувајќи го просекот во регионот. Сепак, само 14% од жртвите ги пријавуваат насилните напади во полицијата, што е одраз на широко распространетата не доверба во полицијата.
Малтретирањето и дискриминацијата во училиштата дополнително ги маргинализираат ЛГБТИ+ лицата, при што 68% се соочиле со потсмев, навреди или закани поради нивниот идентитет. Образовните институции честопати не успеваат да обезбедат инклузивна средина, бидејќи 63% од учениците го кријат својот идентитет на училиште, додека 61% изјавуваат дека темите поврзани со ЛГБТИ+ никогаш не се опфатени како дел од наставата. Ситуацијата е влошена поради големата распространетост на т.н. „практики на конверзија“, при што 32% од испитаниците биле подложени на обиди за промена на нивната сексуална ориентација или родов идентитет – прилично над европскиот просек од 24%. Загриженоста за менталното здравје е исто така алармантна, бидејќи 18% пријавуваат дека често размислуваат за самоубиство, истакнувајќи ги сериозните психолошки последици од дискриминацијата и исклучувањето.
И покрај овие предизвици, перцепцијата дека нетолеранцијата се зголемува е малку пониска отколку во другите европски земји, при што 37% веруваат дека насилството врз ЛГБТИ+ лицата е зголемено, во споредба со просекот на ЕУ-27, кој изнесува 59%. Сепак, довербата на јавноста во напорите на владата и понатаму е исклучително ниска, бидејќи само 14% сметаат дека властите ефикасно се справуваат со предрасудите и дискриминацијата. Во меѓувреме, правната заштита и понатаму не е соодветна, бидејќи истополовите партнерства не се признаваат, поради што многумина се лишени од основните права во однос на семејното право, наследството и здравствената заштита. Понатаму, кривичните дела мотивирани од пристрасност не се регистрираат систематски, ниту пак темелно се истражуваат од страна на полицијата или обвинителите, со што дополнително се ограничува пристапот до правдата.
Заштитата на правата на ЛГБТИ+ е од клучно значење во контекст на Универзалниот периодичен преглед на Северна Македонија и напорите за пристапување во ЕУ. Како земја кандидат за членство во ЕУ, од Северна Македонија се очекува да ја усогласи својата правна рамка за човекови права со стандардите на ЕУ, кои ја истакнуваат заштитата на маргинализираните групи, вклучувајќи ги и ЛГБТИ+ лицата. Процесот на пристапување во ЕУ бара суштински правни и политички реформи за да се обезбеди еднаков третман, недискриминација и заштита на основните права – области за кои Северна Македонија повторно доби препораки.
Во Универзалниот периодичен преглед (УПР) правата на ЛГБТИ+ се наведени како приоритетна област која треба да се подобри. Во препораките од четвртиот циклус на УПР се истакна потребата од посилна правна заштита, подобра реакција на полицијата при дискриминација и насилство и донесување на поинклузивни политики за заштита на правата на ранливите групи. Усогласувањето на националните политики со овие заложби е од суштинско значење не само за исполнување на меѓународните обврски за човекови права, туку и за унапредување на демократскиот развој на Северна Македонија и можностите за интеграција во ЕУ.
За справување со овие предизвици потребни се сеопфатни правни реформи, посилна заштита од дискриминација и насочени политики за подобрување на социјалната инклузија и реакцијата на институциите кога се кршат правата на ЛГБТИ+ лицата. Оваа анализа ги испитува системските бариери со кои се соочуваат ЛГБТИ+ лицата во Северна Македонија, фокусирајќи се на дискриминацијата, насилството, правната заштита и општествените ставови, истовремено нагласувајќи ја итната потреба за реформи за да се обезбедат еднакви права и заштита за сите.