Петтата Национална дебатна анкета, која што Институтот за европска политика (ЕПИ) ја организира во соработка со Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд од САД, собра на едно место над 140 граѓани кои во текот на два дена се информираа и дебатираа за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ, а своите прашања ги поставуваа на панели составени од општествени чинители и експерти токму во Собранието.

Од првичната анкета направена на репрезентативен примерок од 1200 испитаници од целата држава, над 140 граѓани дојдоа во Скопје да ја претставуваат државата во една соба. Поделени во 11 групи, граѓаните два дена се информираа и меѓусебно дебатираа на темата, а потоа се упатија во Собранието на Република Северна Македонија каде што прашањата кои произлегоа од нивните дебати ги одговараа клучните општествени чинители.
Првиот ден се разговараше за моделот на вклучување на Собранието на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, а прашањата на граѓаните ги одговараа претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристевска и порашениот пратеник и претседател на Форумот за разумни политики, Гордан Георгиев.

Темата за дискусија вториот ден беше посветена на работните тела на Собранието на Република Северна Македонија и процесот на пристапување кон ЕУ, каде што одговори на прашањата даваа пратеникот и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, пратеничката и членка на Комисијата за европски прашања, Ели Панова, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи и поранешната генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа. Таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема, доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Дебатната анкета ги прикажува преференците и мислењата на граѓаните и пред и по детално запознавање со темата.

Дебатната анкета ги мери резултатите, но и промените во ставовите на граѓаните пред и по дебатниот настан.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Поттикнување јавно учество за конструктивен политички дијалог“ кој го спроведува ЕПИ, а е финансиран од Националната фондација за демократија од САД (NED).





