Ризик од губење на темпото

Коментар по повод Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, од 4 ноември 2025 година

Европската комисија не констатира назадување во ниедна област, односно поглавје, но загрижува тоа што е оценето дека нема напредок во Поглавјето 23: Правосудство и темелни права и ограничен напредок во поглавјето 24: Правда, слобода и безбедност, клучните поглавја за владеењето на правото, решавачки за темпото на преговорите.

Во однос на преземањето на обврските за членство, државата сѐ уште го одржува умереното ниво на подготвеност, со мало подобрување напред само во едно поглавје, т.е. во Слободното движење на капитал, како резултат на исполнување на обврските за членство во Единствената платежна област на ЕУ. Ако погледнеме помеѓу сите кандидати во моментот, нашата севкупна усогласеност не е занемарлива, но јасна е веќе предноста на Црна Гора и забрзаното усогласување на Албанија како „предводници“.

Напредокот е добар во четири поглавја, додека во останатите, во голема мера, има мали поместувања или стагнација. Тука, дефинитивно, стоиме полошо од останатите кандидати, за кои се проценува дека повеќе напредувале во минатата година, особено Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, кои Комисијата ги издвојува како држави кандидати кои предничат. Доколку ваквиот тренд продолжи, постои ризик да го изгубиме чекорот со останатите држави во однос на релативно високото ниво на усогласеност, кој во македонскиот случај е постигнат многу порано од другите кандидатки. 

Во овој коментар, ги анализираме трендовите на ниво на кластер/поглавје, во извештајот од 2025 година, со фокус на клучните критични точки, како и новите препораки од страна на Комисијата. На крајот од коментарот, вклучена е анализа на усогласеноста во изминатите години.