Блупринт група: Донесените закони се добра основа за промени, потребна е доследна имплементација

Наодите од третиот мониторинг бриф на проектот „За правда“ и оценките од последниот извештај на Европската комисија беа тема на денешната прес конференција на Блупринт групата за реформи во правосудството.

Од аспект на транспарентноста, во периодот март-мај 2019, процесот на носење на Закони беше задоволителен

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, се осврна на принципите врз кои се следи реформскиот процес. Од аспект на транспарентноста, Блупринт групата резимира дека во периодот март-мај 2019 година процесот беше задоволителен. Поголемиот дел од законите се носеа во транспарентна постапка, со јавни дебати и вклученост на граѓанскиот сектор. „За некои од законите (како Законот за Јавно обвинителство) претходно реагиравме дека не се носат транспарентно, но тоа се надмина во овој период. Министерката за правда нѐ повика да дадеме предлози и препораки во делот на СЈО и сметаме дека ќе бидат земени предвид при доработување на законските решенија“- изјави Пировска. Таа додаде дека при оценувањето на временската рамка беа земени предвид политичките процеси во земјата, но и опструкциите од поранешниот претседател на државата кој одбиваше да потпише реформски закони. Сепак, веќе се донесени осум, од тринаесет закони кои ги следи Блупринт групата.

За законите кои ги следи Блупринт групата и Извештајот на ЕК

Ива Цоневска од Институтот за европска политика даде краток осврт на Извештајот на ЕК во делот на темите кои се опфатени со овој проект. По една декада на препораки, оваа година препораката е различна, јасна, безусловна, а Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се истакнати како позитивен пример. Комисијата ги поздравува реформските процеси на внатрешен план и резултатите во областа на судството, борбата против корупцијата, разузнавачките служби и јавната администрација. Цоневска истакна дека во делот на политички критериуми поглавјата 23 и 24, кои се најрелевантни за владеењето на правото имаме најголем напредок и најголемо ниво на усогласеност во однос на другите земји од регионот. ЕК го поздрави и самиот политички дијалог во Собранието, како и вклученоста на граѓанското општество во процесот на креирање на политики. Комисијата оценува дека промената на правната рамка во делот на правосудството овозможува цврста основа за трајни промени. Она што следи е доследна имплементација на законите и спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, а особено ЕК смета дека е потребна стратегија за човечки ресурси во судството и обвинителството, како и унапредување на судскиот информатички систем.

За Законот за јавно обвинителство

Натали Петровска од Коалиција сите за правично судење ги појасни предлозите на Блупринт групата во однос на Законот за јавно обвинителство, кои веќе се доставени до Министерството за правда. Тие се однесуваат на потребата од доработка за законските решенија за да се избегне преклопување на мандатите на ЈО за организиран криминал и корупција и СЈО. Препораката е СЈО да продолжи со мандатот за гонење високи случаи на корупција. „Во поглед на примената на доказните материјали, односно т.н. „бомби“, законот предвидуваше дека во одредена фаза нема да може да се користат, што сметаме дека е во судир со Законот за кривична постапка. Оттука, препораката е да се разграничат овие два закони, односно примената на доказниот материјал да се остави на Законот за кривична постапка“- посочи Петровска.

Последниот предлог до Министерството за правда е пролонгирање на мандатот на сегашните обвинители од СЈО за шест месеци, а потоа избор согласно одредбите во новиот предлог Закон за Јавно обвинителство, поради обемот на предметите и спремноста на сегашните обвинители.

За Законот за управен спор и Законот за прекршоци

Симона Трајковска од Центар за правни истражувања и анализи се осврна на Законот за управен спор и Законот за прекршоците кои стапија на сила по потпишувањето од страна на новиот претседател. Траковска истакна дека Законот за управен спор ќе ја подобри постапката, предвидува санкции за институциите кои нема да постапат навремено и воведува јавна расправа како начело за постапки. Со законот за прекршоци се намалува казнената политика и се воведува мерката опомена, но како предизвик останува усогласувањето на голем број закони.

За Законот за бесплатна правна помош

За новиот Закон за бесплатна правна помош, кој се донесе пред две недели, зборуваше Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници. Законот е квалитативно подобрување споредено со претходниот и предвидува новини кои ќе го олеснат пристапот до правда за сиромашните граѓани. Исто така, проширен е опсегот на правни прашања кои ги опфаќа и се очекува забрзување на постапката за одобрување на бесплатната правна помош.

За регулативата која ја опфаќа работата на Судскиот совет и судството во целина

Мирослав Драганов од Институтот за човекови права посочи дека има квалитативно подобрување во регулативата што ја опфаќа работата на Судскиот совет и судството во целина. Се очекува и Законот за Совет на ЈО да ги има истите подобрувања. Во наредниот период се очекуваат видливи резултати при имплементација на законите од страна на сите нивоа во правосудството. Отсега враќањето на довербата ќе зависи од самите судски институции.- посочи Драганов.

Презентираните наоди од третиот мониторинг бриф се на следните линкови:

Анекс кон третиот мониторинг бриф

Трет мониторинг бриф од проектот – За правда

ЗА проектот „ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување“

Проектот „ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување“, со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.

Comments are closed.