Новости

Започна спроведувањето на проектот „Дијалози за Визија“

Институтот за европска политика-ЕПИ со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје започна со спроведување на проектот „Дијалози за Визија“. Земајќи ја предвид актуелната состојба во Република Македонија, недостатокот на јавни дебати за креирањето политики, особено во Парламентот, проектот треба да внесе живост на веќе воспоставените механизми на консултирање. Целта на проектот е зајакнување на дијалогот за клучни прашања со кои се соочува македонското општество, преку креирање политики основани на докази. За постигнување на оваа цел, ЕПИ ќе работи на подигање на капацитетите на граѓанските организации, вмрежување, истражување и дебати врз основа на докази, промовирање инклузивност во донесувањето на одлуките, како и нагласување на критичната улога на Парламентот.

Проектот ќе обезбеди структуриран придонес од различни засегнати страни и јавни дебати за клучните прашања во три столба: Демократија; Меѓуетнички односи и Социо-економски реформи. Со него ќе придонесеме за подобрување на врската помеѓу владата односно донесувачите на одлуки, засегнатите страни и граѓаните во формулирањето на политики, притоа унапредувајќи ги демократски процеси во земјата.