Новости

ЕУ и актуелната политичка криза во Македонија

На 30 март 2015, Институтот за европска политика (ЕПИ)  ја организираше тркалезната маса  „ЕУ и актуелната политичка криза во Македонија - влијанија, инволвираност и перспективи“. На тркалезната маса присуствуваа претставници на институции, дипломатскиот кор, политички партии и граѓанскиот сектор.

Малинка Ристевска Јорданова, директор на ЕПИ, ги поздрави присутните со објаснување дека тркалезна маса не претставува очајнички повик некој друг да ја реши постојната криза во земјата, туку  е повик за отворање една поинаква расправа од онаа на која што навикнавме – за дијалог, опции, визија и  очекувањата. 

Флориан Бибер, директор на Студиите за ЈИЕ на Универзитетот во Грац, потенцираше дека ангажманот на неколку европратеници нема да ја смени ситуацијата со кризата во Македонија и ЕУ треба пошироко да размислува како да се ангажира. Според него, големата криза е предизвикана од немање интерес во ЕУ за проширувањето. Но, во исто време тој оцени дека со текот на времето се гледа дека во Македонија отсуствуваат реформи и земјата има проблеми со демократијата. Бибер истакна дека „не сакам да тврдам дека кризата којашто ја гледаме во Македонија во моментов е производ на ЕУ, меѓутоа секако ЕУ не само што е дел од решението, туку е дел и од причините за тоа што Македонија се наоѓа каде што се наоѓа сега и соодветно треба да се ангажира.“

Заменикот на преседателот на Владата за европски прашања, Фатмир Бесими предупреди за можното одземање на препораката за почеток на преговори за членство во ЕУ.  Тој ги повика политичките партии на средбата во Брисел да дадат сè од себе за да се воспостави дијалог во Македонија.

Стево Пендаровски укажа дека Македонија е во најголема политичка криза од нејзиното осамостојување, оценувајќи дека политичката разврска треба да претходи на какво било правно или институционално решение. Пендаровски смета дека преговорите што ќе се водат во Брисел ќе бидат потешки од преговорите во 2001 година, бидејќи Европа ќе има проблеми да го менаџира овој процес поради специфичноста на проблемот.  

Никола Димитров, поранешен амбасадор на Македонија и преговарач за името, нагласи дека ЕУ има морална одговорност за ситуацијата. Состанокот во Брисел тој го оцени како тест на ЕУ да види што понатаму и смета оти новата препорака ќе изостане доколку политичката криза продолжи. Димитров посочува дека како не беше коректно да нè држат со затворена врата поради Грција, така сега не е коректно да се преправаат дека ова сега може да се реши со некаков политички компромис и да повикуваат на независна истрага и процес во институции коишто се под целосна политичка контрола.

Ернесто Масимино Белели, амбасадор на Италија во Македонија, изјави дека ЕУ има интерес да ја следи ситуацијата и решителност да помогне, но во овој момент недостасуваат некои елементи кои се потребни за овој ангажман да биде ефективен и да вроди со плод. Иницијативата за решавањето на политичката криза треба да дојде од внатре пред ЕУ да се вклучи во разрешување на ситуацијата.

Мерсел Билали, професор на ФОН Универзитетот, оцени дека состојбата во моментов е целосно хаотична и дека главните политички субјекти, во прв ред, треба да имаат идеја за тоа како да направат нешто, а не сé уште да размислуваат околу тоа што треба да се направи. Во поглед на разговорите преговорите во Брисел, пак, Билали додаде дека сега се работи само за почеток на овие преговори и на еден начин подготвување на јавноста за едно можно решение. Потенцираше дека дијалогот ќе биде многу тежок бидејќи голем проблем е да водите дијалог со диктатори. 

 

Линк: http://www.suedosteuropa.uni-graz.at/biepag/node/153