Новости

ЕПИ избран за истражувачки партнер на Агенцијата за темелни права на Европската Унија

ЕПИ избран за истражувачки партнер на Агенцијата за темелни права на Европската Унија

 

Агенцијата за темелни права на Европската унија (Fundamental Rights Agency, ФРА) го избра Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) за свој партнер од Македонија за спроведување на истражувања во врска со прашања од нејзина надлежност. ФРА е една од децентрализираните агенции на Европската Унија и е центар на експертизата за темелни права на Европската Унија. Целта на оваа агенција е да дава експертска поддршка и совети на институциите на Европската Унија и на земјите членки со цел обезбедување на заштитата на темелните права на сите лица кои живеат во ЕУ. Дел од главните теми кои ги обработува Агенцијата се: род и родова еднаквост, ЛГБТИК, Роми, лица со попреченост, расизам и нетолеранција, злосторства од омраза, информатичко општество приватност и заштита на податоци, азил и миграции, пристап до правда и права на детето.

Со ова, ЕПИ станува дел од ФРАНЕТ – мултидисциплинарната истражувачка мрежа на Агенцијата која постои од 2011 година, а во која се вклучени по еден истражувачки партнер или конзорциум од секоја земја членка на Европската Унија, а која од оваа година се прошири и во Македонија. ФРАНЕТ изработува тематски студии, извештаи и кратки известувања во врска со различни прашања поврзани со темелните права.