Новости

Коментар на Институтот за европска политика за претстојниот референдум

Коментар на Институтот за европска политика за претстојниот референдум

 

Оваа недела граѓаните на Република Македонија ги очекува референдум за едно од најгорливите прашања кои нѐ мачат од независноста. Референдумското прашање го врзува прифаќањето на договорот од Преспа со понатамошниот напредок во европските интеграции. Преку ова, добиваме можност за враќање на европскиот пат на голема врата.

Како и секој компромис, овој договор не е совршен, но тој е сепак најдобрата можност што ја имаме. Македонците го зачувуваат идентитетот, чие потврдување зависи најмногу од самите Македонци – со градење демократско општество, слобода на културата, творењето и изразувањето.

Со начинот на кој дојде до Преспанскиот договор – со сопствена, иницијатива, капацитет и волја - Република Македонија го потврди својот државотворен капацитет, кој во минатото се докажа со стекнувањето независност и решавање на внатрешните кризи по мирен пат. Со договорот ни се отвора можност односите со соседите да ги градиме гледајќи кон иднината.

На македонското општество му се отвора патот кон Заедница на вредности, во која и гласот на малите е вреден. Нашата земја со Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година започна со прилагодувањето на нашето законодавство и политики со тие на ЕУ. Како резултат на процесот на прилагодување, меѓу другото, добивме олеснет пристап на нашите производи на европскиот пазар и успешно ги исполнивме барањата за безвизно патување во ЕУ во 2009 година.

На македонското стопанство му се отвора патот кон заедничкиот  европски пазар, што му е насушно потребен. Прилагодувањето со засебните политики и акти на ЕУ подразбира одредени придобивки, но и трошоци за општеството, односно за одделни засегнати субјекти, како и прилагодувања на институциите. Во тој процес потребно е да се направи реално согледување на последиците што воведувањето на ЕУ политиките и нормите ќе ги предизвикаат и да се предвидат мерки за минимизирање на трошоците.

Иако во општествениот развој и трансформации не постојат гаранции и лесно предвидливи траектории, има лекции од претходното проширување на ЕУ од кои можеме да научиме и да ги базираме своите очекувања од процесот на пристапување и членството во ЕУ. Интеграцијата во ЕУ во случајот со источното проширување се покажа како модел кој и покрај валидните критики, ја оправда оценката како (нај)успешна политика на ЕУ. Земјите кои пристапија во 2004/2007 година веќе имаат долги години на членство во ЕУ. Тие доживеаја раст во процесот на приклучување кон ЕУ, како и по нивното членство. Иако меѓу нив не постои воедначеност и сите не се развиваат ниту по еден урнек, ниту еднакво, кај сите процесот на пристапување се покажа како успешно сидро кое ја потпомагаше домашната трансформација.

Несомнено е дека Унијата денес, како и во минатото, се соочува со предизвици од различни форми и никој не може да го гарантира развојот на истата. Сепак, процесот на пристапување претставува успешен механизам кој ќе ја потпомогне нашата политичка, економска и општествена трансформација, која секако е одговорност на домашните чинители. Во тој контекст, спроведувањето на договорот од Преспа е исклучителен, но истовремено и неопходен услов без кој нема да бидеме во можност да ги искористиме придобивките од процесот на пристапување и членство.

Најмногу од нас зависи дали конечно и решително ќе тргнеме по тој пат, како ќе го изодиме и како понатаму ќе го одиме, зашто историјата нема да заврши ниту со членството во ЕУ и НАТО.  Патот ќе нè чини, членството ќе нè чини, но придобивките кои можеме да ги стекнеме, ако самите придонесеме за тоа, се огромни.