Новости

ЕПИ ги одбра истражувачите во рамките на проектот „Граѓанска дебата за НАТО“

ЕПИ ги одбра истражувачите во рамките на проектот „Граѓанска дебата за НАТО“

 

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) ги одбра истражувачите кои ќе работат на истражувања во рамките на проектот „Граѓанска дебата за НАТО“. Истражувачите во наредните два месеци ќе работат на истражувања поврзани со ефектите од пристапувањето на Република Македонија во НАТО.

М-р Ивана Велковска, економски истражувач во Центарот за економски анализи, ќе ги истражува  економските придобивки и предизвици од пристапувањето во НАТО. Целта на истражувањето ќе биде да се утврди постоење на каузалност, односно да се преиспита популарното категорично тврдење дека влезот во НАТО со сигурност подразбира раст на економијата. Воедно, ќе се истражува и која е важноста на политичката стабилност (под претпоставка дека истата е обезбедена со членство во НАТО), како еден од главните предуслови за економски раст.

М-р Тимурленк Чековиќ, истражувач со искуство од безбедносниот сектор, ќе ги истражува ефектите врз безбедноста на Република Македонија, од евентуалното членство на државата во НАТО. Истражувањето ќе опфаќа неколку аспекти:

  • ● Членството во НАТО како метод за заштита на територијалниот интегритет, економски просперитет и прибирање и размена на корисни информации за подобро соочување со ризиците кои се соочува Република Македонија;
  • ● Безбедносни ризици од непристапувањето на Република Македонија во сојуз со НАТО и предност со контрола на воздушниот простор од страна на НАТО членките;
  • ● Метод на поставување и проверка на моделот кој пристапува, како и споредба во тестирањето на моделот со земји кои не пристапуваат во воени сојузи;
  • ● Очекуваните ефекти врз граѓаните на Република Македонија и влијанието врз општеството.
  •  

Истражувањата ќе бидат презентирани на јавна дебата која ќе се одржи во декември.

Истражувачите беа одбрани по спроведениот отворен повик во рамките на проектот „Граѓанска дебата за НАТО“, кој го спроведува ЕПИ, а е финансиран од Министерството за одбрана. Општата цел на проектот е да се придонесе кон пристапувањето во НАТО преку дебата базирана на докази и аргументи, која ќе го подобри разбирањето кај граѓаните за членството на Република Македонија во НАТО.