Новости

Да се биде или не: одлуката на Европскиот совет за Македонија

Да се биде или не: одлуката на Европскиот совет за Македонија

 

Автор: д-р Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика. Блогот е првично објавен на BiEPAG.

Претстојниот самит на шефови на земјите членки на Европската Унија, кој ќе се одржи на крајот на јуни, по долго време предизвикува голем интерес на Балканот. Последниот пакет на проширување од есента во 2016 година, за време на Словачкото претседателство, не беше проследен со заклучоци од Советот, што значи дека последните заклучоци беа донесени во 2015 година. Планот за проширување кој Европската комисија го претстави оваа пролет, како и новите препораки за Албанија и Македонија, ги подигнаа очекувањата во двете земји.

Сепак, од претходната недела, предизвиците за Македонија се поголеми од било кога. Доколку по потпишувањето на Спогодбата околу разликите за името со Грција, која претставуваше главна пречка во пристапувањето помеѓу 2009 и 2015 година, земјите членки на ЕУ не го наградат овој клучен момент со датум за преговори, веројатно е да настанат сериозни последици. Потпишувањето на Спогодбата и сложеноста на чекорите кои следуваат за нејзино спроведување не смеат да бидат потценувани од кого било што ѝ мисли добро на Македонија, но и Балканот во целина. Самиот факт што двете земји стигнаа до точка каде се сложија да потпишат договор, каде што опозициите во двете земји го сметаат за богохулен, претставува знак дека се направени отстапки од двете страни.

За да се придвижиме нанапред, потребна е целосна поддршка, особено во однос на НАТО и ЕУ. Не е за изненадување фактот што главниот мотив за потпишувањето на договорот и отстапките кои ги направи (наскоро Северна) Македонија произлегоа од потребата да се одблокира процесот за членство во двете организации. Одлуките кои треба НАТО и ЕУ да ги направат во текот на наредниот месец ќе имаат долгорочен ефект врз околностите кои влијаат на процесот за решение на спорот за името во двете земји, особено во Македонија, каде што оваа есен ќе се одржи референдум. Испитувањето на јавното мислење покажува дека веројатно договорот за новото име ќе биде поддржан од тесно мнозинство во земјата, со што би се одблокирал патот за членство во меѓународните организации.

Затоа, клучно е овој месец НАТО и ЕУ да го испорачаат својот дел од договорот. Ова за НАТО значи испраќање на покана за почеток на пристапните преговори со Македонија на јулскиот самит и ратификација на членството, во најбрз можен рок. Од друга страна, ситуацијата со Европската Унија е секогаш многу комплицирана. Најдобриот исход, во насока на поддршка имплементацијата на договорот со Грција и кревкиот реформски процес во Македонија, претставува доделување на датум за пристапни преговори и најава за меѓувладина конференција за шест до 12 месеци. Отворањето на првите поглавја од преговорите, кои ги вклучуваат правосудството, правдата, слободата и безбедноста исто така ќе ги зацврстат промените кои се случија во минатата бурна година. Всушност, ова би бил единствениот логичен исход по неносењето на одлуката за почеток на преговори која ја препорачуваше ЕК во периодот 2009-2015, како резултат од билатералниот спор. Сега, како што се наближува крајот на овој проблем, а државата беше пофалена за рестартирањето на реформските процеси во многу осетливи политички области, било каква друга одлука ќе ја деградира политиката на условеност на ЕУ.

Сепак, од она што го гледаме во последниот месец на самитот, Македонија може да стане жртва на пазарењето во процесот на носење одлуки на ниво на ЕУ. Не е тајна дека Франција има други приоритети на овој самит, особено имајќи ги предвид претстојните избори за Европскиот парламент. Всушност, клучната земја членка на ЕУ која конечно се заинтересира и дава поддршка за почеток на преговорите е Германија. Иако таа е една од најзначајните сојузнички, нејзината поддршка не секогаш е доволна. Постои ризик дека разговорите околу одложување на одлуката на Советот за декемврискиот самит, кој ќе го води Австрија, ќе испрати негативен сигнал до македонската јавност во однос на подготвеноста на ЕУ да го поддржи овој договор, што е последното нешто што е потребно во овој момент. Иако декември е за само шест месеци, токму во овие шест месеци ќе се одлучува за договорот во Македонија.

Иако ситуацијата во ЕУ е далеку од идеална, носителите на одлуките во земјте членки на ЕУ кои се запознаени со спорот не смеат да го испуштат решението за спорот низ „пазарењето“ кое ќе се одвива нареднава недела. Врзувањето на отворање на пристапни преговори со земјата со најдолг кандидатски статус за членство во историјата на ЕУ, по Турција, со отстапките што останатите земји членки би ги добиле или не (најмногу од Германија), ќе биде контрапродуктивно за Македонија, за регионот, но и за кредибилитетот на самата Унија. Ова ќе биде всушност истата Унија која вети кредибилна стратегија за проширување и ги истакна билатералните спорови како услов без кој не се може (sine qua non) за сите земји кандидатки. Дополнително, ова ќе испрати негативен сигнал за чинителите во другите големи билатерални спорови, почнувајќи од Косово и Србија.

Европската Унија и нејзините институции во последната година конечно се соземаа и одново ја сфатија нивната улога во Македонија, што јасно произлегува од пакетот за проширување, но и од присуството на комесарот Хан и високата претставничка Могерини на потпишувањето на договорот во регионот на живописната Преспа. Доколку не успеат да го поддржат овој договор, што претставува една од најголемите прилики од проширувањето на ЕУ (можеби споредливо и со историскиот случај на Словачка во 1997), најверојатно ќе се пропушти. Европските Совети доаѓаат и си одат секои шест месеци, но ова е првиот и единствен пат во 27 години, во кој Македонија и Грција дошле толку блиску до решение, создавајќи атмосфера на сега или никогаш. Носителите на одлуки во ЕУ, кои ќе седат во Брисел на 28 и 29 јуни, мораат да бидат свесни за ова и да ја искористат оваа прилика, со што би го реафирмирале кредибилитетот на условеноста на ЕУ и перспективата за членство на Македонија и регионот.