Новости

Властите од Западен Балкан не се консултираат со граѓаните во врска со квалитетот на јавните услуги

Властите од Западен Балкан не се консултираат со граѓаните во врска со квалитетот на јавните услуги

 

Според наодите од анкетата спроведена во рамки на проектот ВеБЕР (WeBER), само 43% од широката јавност во шестте земји од Западниот Балкан мислат дека со текот на времето е олеснет пристапот до јавната администрација. Анкетата насловена  “Истражување на јавната перцепција за административните услуги во земјите од Западен Балкан” е првата регионална анкета посветена на обезбедување на услуги, спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Кога е во прашање прекумерната бирократија (red tape) во јавната администрација, 48% од граѓаните низ Западниот Балкан сметаат дека во последните 2 години постојат иницијативи или напор од страна на нивните влади со цел да се поедностават административните процедури за граѓаните и бизнисите.  Овој став го делат мнозинството граѓани во Косово (57%), но само 28% во Босна и Херцеговина.

“Наодот кој најмногу изненадува и кој во исто време претставува постојан предизвик, е перцепцијата дека недостасуваат механизми кои им дозволуваат на граѓаните да го дадат своето мислење за квалитетот на услугите кои ги добиваат од страна на државата. Доколу зборуваме генерално, податоците од анкетата откриваат големи варијации помеѓу поединечните земји од Западниот Балкан во однос на перцепцијата на граѓаните за различни аспекти од обезбедувањето на услуги”, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Само околу една третина од граѓаните ширум регионот потврдуваат дека во последните 2 години администрацијата го земала предвид нивното мислење за тоа како да се подобрат административните услуги, движејќи се од 13% во Босна и Херцеговина до 44% во Албанија. Покрај тоа, една третина од популацијата во регионот се согласува дека, како корисници на административни услуги, имаат можност да го искажат своето мислење во однос на квалитетот на услугите кои ги добиваат – движејќи се од 15% во Босна и Херцеговина до 38% во Косово.

“Без механизми кои обезбедуваат повратни информации, невозможно е било која власт да знае што мислат граѓаните за конкретни аспекти на обезбедувањето на услугите и кои подобрувања сметаат дека се потребни, а сепак како даночни обврзници, тие ги финансираат тие услуги. Навидум, ситуацијата укажува на тоа дека властите во регионот не се грижат за потребите на граѓаните, што може да е резултат на низок капацитет, но може исто така и да укажува на тоа дека има недостаток на разбирање на важноста на градењето на доверба во владата низ вакви механизми.”, објаснува Кацарска.

Податоците од анкетата исто така откриваат низок степен на јавна свест за достапноста на е-услуги ширум регионот, движејќи се од 19% во Босна и Херцеговина до 53% во Македонија.

“Можеме да увидиме и уште еден загрижувачки податок а тоа е дека има голема дискрепанца помеѓу подготвеноста за користењето на е-услуги и добивањето на овие услуги”, укажува Симонида Кацарска. Само 35% од испитаниците кои се запознаени со е-услугите достапни во нивните држави, велат дека во последните 2 години, “секогаш” успеваат да ја добијат услугата која ја побарале онлајн. Овој податок варира помеѓу 23% во Албанија и 47% во Србија.

Кога е во прашање инклузивноста на мониторингот врз обезбедувањето на услуги, само четвртина (26%) од граѓаните се согласуваат дека граѓанското општество било вклучено во процесот на мониторирање на обезбедувањето на услуги. Нивото на согласност е највисоко во Албанија (35%) и најниско во Босна и Херцеговина (11%).

“Оваа анкета е исклучително корисен извор на информации за владите во сите 6 земји. Со неа јасно се укажуваат слабостите на јавната администрација низ регионот и се обелоденува потребата владите да ги зголемат своите напори за намалување на прекумерната бирократија со цел да се подобри обезбедувањето на услуги и да се промовира мониторирањето на овој процес од страна на граѓанското општество и граѓаните”, заклучува Кацарска.

За проектот WeBER

Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанското општество – WeBER – е проект кој трае 3 години, финансиран од страна на Европската Унија и ко-финансиран од Кралството Норвешка. Целта на проектот е да се зголеми важноста, учеството и капацитетот на граѓанските организации и медиуми во земјите од Западен Балкан, во залагањето за зголемено учество во креирањето и спроведувањето на реформите во јавната администрација.

Проектот е спроведен од Think for Europe Network (TEN) составен од тинк-тенк организации кои се ориентирани околу политиките на ЕУ во земјите од Западен Балкан, координирани од Центарот за европска политика од Белград во соработка со Центарот за европска политика од Брисел.

Членови на TEN се Центар за европска политика од Белград, Институт за европска политика од Скопје, Институт Алтернатива од Подгорица, Група за правни и политички студии од Приштина, Иницијатива за надворешна политика од Сарајево и Институт за демократија и медијација од Тирана.

За повеќе информации, Ве молиме посетете: http://par-monitor.org

  • Putting citizens first (?) - Exploring public perceptions of administrative services in the Western Balkans_WeBER Report [.pdf 2001KB]