Новости

Колку се ефикасни одредниците на ЕК? - Конференција во Белград

Колку се ефикасни одредниците на ЕК? - Конференција во Белград

Денеска се одржува завршна конференција од проектот БЕНЧЕР, во организација на Центарот за европски политики во Белград. Во продолжение споделуваме дел од дискусијата која се одвива на конференцијата.

„Во западниот Балкан се соочуваме со т.н. 'плитка европеизација'. Извештаите на ЕК за напредокот на државите не ја отсликуваат содржината и сериозноста на ситуацијата. Од тука, произлегува потреба за оценување на одредниците на Европската комисија.“, кажа Адрита Абази Имери, програмска координаторка во ЕПИ.

Таа додаде дека „земјите немаат конкретен модел или образец за тоа што значи владеење на право, а поради тоа што ЕУ е премногу мека во оваа смисла, владите го извртуваат значењето на ‘владеењето на правото’. Од друга страна, сите земји беа поттикнати за спроведување на реформи за визна либерализација, бидејќи имаше конкретни одредници и временска рамка за достигнување на одредниците. Дополнително, имаше и конкретна награда, со што постоеше голема волја за имплементирање на реформите.“

Игор Бандович, менаџер во Европскиот фонд за Балканот, донатор на проектот, исто така се обрати на конфенцијата. „ЕУ може да се оценува себеси преку процесот на проширување. Не сме имале проширување на ЕУ од 2013, што претставува загрижувачка околност.“

Алида Врачиќ, извршен директор на Популари, Сараево, кажа: „Може ли да се запрашаме како ѝ оди на ЕУ? Ова е една страна од приказната. Другата страна е дека имаме регионален проблем, а тоа е одливот на мозоци. На Германија ѝ се многу потребни овие луѓе, за кои ние сме инвестирале многу. Јас повикувам за пореалистичен и помалку сентиментален за тоа како му оди на западниот Балкан, во однос на ЕУ.“

Ендрит Шабани, од Универзитетот во Оксфорд истакна дека најголемиот проблем на западниот Балкан е корупцијата. „Корупцијата е еден од најголемите проблеми во Западниот Балкан – тешко е ова да се промени, затоа што носителите на одлуките често имаат корист од корупцијата. ЕУ исто така мора да биде свесна за своите грешки и да преземе поголема одговорност за ситуацијата во регионот.“

Аднан Черимагиќ, аналитичар во Европската иницијатива за стабилност, го истакна недостатокот во приодот на ЕК. „Европската комисија треба подобро да ги искомуницира своите наоди и да објасни зошто некои реформи се толку значајни. Само тогаш граѓаните, владата и правосудството ќе ги имплементира овие реформи.“

Следете ја дискусијата во живо на Твитер на @epi_mk @ThinkforEurope и #BencherConfBG

ЕПИ е координатор на проектот БЕНЧЕР, кој го имплементираат членките на Мрежата мисли за европа (Think for Europe Network).