Новости

Со Поглавјето 23 се отвори Националната конвенција за Европската Унија

Со Поглавјето 23 се отвори Националната конвенција за Европската Унија

Денеска се одржа првата средба на работната група за Поглавјето 23, во рамките на Националната конвенција за Европската Унија. Настанот го отворија г-ѓа Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење во Република Македонија и носител на проектот, г-дин Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, како и Александар Дулеба, директор на Словачкото здружение за надворешна политика (SFPA). 

Александар Јованоски од ЕПИ се обрати како експерт во Поглавјето 23: правосудство, борба против корупција и темелни права. Во неговото обраќање беа презентирани истражувањата и мониторингот на ЕПИ и Мрежата 23. 

„Европската Унија не препорачува мешање на извршната власт врз мониторингот на реформите во правосудството. Токму затоа, советот за следење на реформите во правосудството мора да работи транспарентно, редовно да го информира Собранието и јавноста во однос на резултатите од својата работа. Така, би биле сигурни дека реформите, но и работата на ова тело се одвиваат во правилна насока.“ - Јованоски

 

Следењето на реформите покажува напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети.

„Значаен напредок имаме во спроведувањето на Итните реформски приоритети во областа на правосудството. Во мај минатата година, 5 од 9 реформи не беа воопшто започнати со спроведување. Нашиот мониторинг покажува дека неполна година подоцна, 7 од 9 реформи во правосудството се во тек.“ - Јованоски

 

За настанот

Националната конвенција за Европска унија беше развиена и успешно применета во Словачката Република како модел за мотивирање на општествените актери да учествуваат во процесот на преговорите со ЕУ. Преку проектот, словачките експерти ќе ги пренесат своите искуства на македонските партнери. Конвенцијата во Македонија ќе биде организирана како постојан форум за отворен дијалог меѓу претставници на Владата, Парламентот, релевантните државни институции, политичките партии, како и на претставници на универзитетите, стопанствениците, синдикатите, граѓанското општество и другите важни чинители на ЕУ-интегративниот процес во Република Македонија.

Институтот за европска политика е назначен за постојан член во Работната група 3 од Националната конвенција за ЕУ, која се однесува на Поглавјето 23.