Новости

Мерките за вработување не соодветствуваат на потребите на Ромите во Македонија

Исмаил Камбери од ЕПИ презентираше информации за приоритетни прашања и препораки за вработување на Роми утврдени од Мрежата за застапување на Ромите на тркалезната маса, која се одржува денеска (29.11.2017), во хотелот Мериот.

Тој изјави дека програмите и мерките за вработување и услуги на пазарот на трудот не се адаптирани и не соодејствуваат со реалните потреби на ромското население во државата.

„Тие не одговараат на специфичноста на ова малцинствo, бидејќи во голем број на случаи Ромите не можат да ги користат бенефициите, а исто така има и празнини во активните мерки. Во оваа насока, степенот на образование е пречка при аплицирање за програмите и мерките, а исто така постојат и неписмени луѓе кои не можат ниту да пополнат апликација за одредена мерка. Илустративно, мерката самовработување од 2010 до 2017 година опфатила околу 7.000 луѓе. Од овие 7.000, само 166 се Роми или процентуално, Ромите се застапени 1,7% од вкупниот број на луѓе опфатени со оваа мерка.“

Во одредени градови Ромите воопште не се вклучуваат во постоечките мерки и програми. Невработеноста на Ромите изнесува 53%. Според анализите, само 7% од жените Ромки имаат засновано работен однос.

Препораки:

● Да се креира посебна програма за вклучување на Ромите на пазарот на труд.
● Да се воспостават механизми за координација на ресорните министерства при развивање на програми и мерки.
● Зголемување на вклученоста на Ромите во активните мерки и воспоставување на квоти за застапеност на Ромите.
● Пилотирање на посебна мерка за ранливи категории на луѓе.
● Да се поедностави процесот при аплицирање за програмите и мерките за вработување.

Целта на оваа тркалезна маса е идентификување на неопходни чекори и креирање на заеднички акциски план за справување со прашањата од клучните области помеѓу мрежата  и државните институции. Настанот е организиран од Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ - Тетово во партнерство со Група за малцински права - Лондон (МРГ), како дел од проектот „Од акција до еднакви права на Ромите“, финансиран од Европската Унија.