Новости

Истражување за реинтеграција на Ромите повратници во Македонија

Институтот за европска политика и НВО КХАМ Делчево на тркалезна маса ги презентираа наодите од истражувањето за Ромите повратници во Македонија, кое е во финална фаза. Настанот се одржа на 10 ноември во хотелот Буши.

На тркалезната маса учествуваа министерот без ресор за спроведување на Националната стратегија за подобрување на статусот на Ромите г-дин Самка Ибраимовски, заменикот на Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Муслиу, претставници Министерството за труд и социјална политика, директорот на Директоратот за развој и унапредување на образованието на јазиците на малцинските заедници, независни консултанти, претставници од локални агенции за вработување, претставници од училишта и претставници од ромски граѓански организации и информативни центри кои работат во областа.

По отворањето од д-р Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ и Зекир Абдулов од НВО КХАМ, г-динот Ибраимовски кажа дека во буџетот од 2018 година, планирани се 1.303.539 евра за справување со проблемите на Ромите, од кои скоро 500.000 евра се планирани за домување на Ромите. Тој истакна дека најчесто Ромите ја напуштаат државата поради ниски приходи или невработеност, немање на социјална и здравствена заштита и општествената исклученост на заедницата, а по враќањето во Македонија, тие се соочуваат со проблеми со домувањето, финансиски долгови и проблеми при продолжување на образованието.

Зекир Абдулов од НВО КХАМ Делчево истакна дека во периодот од 2011 до 2016, скоро 9884 лица се вратиле во Македонија, согласно договорите за реадмисија помеѓу Македонија и ЕУ. Скоро една третина од нив, односно 3427 се вратиле во 2016 година. Според Зекир, дополнителен проблем претставува фактот што бројот на повратниците е непознат, бидејќи не постои механизам за регистрација за повратниците кои доброволно се вратиле во Македонија, со што државата има проблем да им помогне на оваа група на граѓани.

Заклучоците од дискусијата ќе бидат вклучени во финалната верзија на студијата за реинтергација на Ромите повратници во Македонија.

Настанот и студијата е дел од проектот „Поттикнување на одрлжива реинтеграција на Ромите повратници во Македонија“, финансиран од Тинк Тенк Фондот и Канцеларијата за ромски иницијативи при Фондацијата Отворено Општество.