Новости

Студентската пракса е алатка за стекнување на работни вештини

Деа Здравковска, Петар Барлаковски, Соња Митиќ

Студентската пракса претставува еден од суштествените делови во текот на студирањето на еден студент, имајќи предвид дека таа овозможува теоретското знаење на студентот да се преточи во реалниот свет, односно пазарот на трудот. Од таа причина, тројца истражувачи работеа на трудот „Студентската пракса како алатка за стекнување на работни вештини за пласирање на пазарот на трудот“.

Во ова истражување се опфатени сите засегнати страни, односно факултетите, студентите компаниите. Испитани се 142 студенти од Економскиот факултет, Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), додека пак интервјуирани се девет фирми кои истражувачите сметаа дека се релевантни за ова истражување, имајќи предвид дека истите соработуваат со горенаведените факултети.

Преку истражувањето се дојде до релевантни податоци, преку кои истражувачкиот тим донесе неколку заклучоци за одредени проблеми, како и препораки за решавање на истите. Истражувањето покажува дека:
► секој четврти студент нема реализирано студентска пракса, а 98,6% од испитаниците знаат дека е задолжителна;
► 80,2% одговориле самостојно се информирале за местото на реализирање на студентската пракса, додека пак само 10,4% се информирале од факултетот каде што студираат;
► 71,7 % од испитаниците кои реализирале студентска пракса не добиле никаков вид на финансиски надомест;
► дека 73,6% од испитаните студенти во текот на реализирањето на праксата немале ментор од високообразовната установа од каде што доаѓаат, спротивно на Правилникот за практична настава од Министерството за образование;
► ниту еден од факултетите нема утврдено посебни критериуми за реализирање на студентската пракса.

Во истражувањето се издвојуваат повеќе препораки, меѓу кои:

● поголема ангажираност во изведувањето на процесот, во однос на доуредување на интерните акти за потребите на секој факултет и поголемо информирање на студентите;
● мотивирање на студентите да не ја заобиколуваат студентската пракса;
● финансиска поддршка за студентите практиканти;
● креирање на програми од страна на универзитетот/факултетот кои ќе ги насочат компаниите и фирмите за подобро изведување на студентската пракса.

Истражувањето се наоѓа на линковите подолу.

МК: Од младите за младите: перспективи за општествени предизвици
EN: From youth for youth: perspectives for societal challenges
AL: Nga te rinjte per te rinjte: perspektiva per sfidat ne shoqeri
 

Истражувањето е дел од проектот „Градење на следната генерација на младински лидери“, финансиран од Центарот за меѓународно приватно претприемништво.