Новости

Сакам дома да живеам - истражување за Студентскиот пленум

Калиа Димитрова го презентираше истражувањето Сакам дома да живеам: влијанието на студентското движење врз личниот и политичкиот развој на младите кои биле дел од Студентскиот пленум, кое го издаде Институтот за европска политика. 

За истражувањето: 

„Последниот студент нека го изгаси светлото на аеродром“ беше еден од многу транспаренти кои можеа да се видат на улиците на Скопје и други градови во Македонија за време на студентските, средношколските и граѓанските протести во 2014, 2015 и 2016 година. Иако младите во Македонија традиционално беа оценувани како апатични и недоволно општествено ангажирани, студентското, односно младинското организирање пркосеше на овие тврдења.

Истражувањето е концептуализирано низ призмата на младинското будење, кое го започна Студентскиот пленум во октомври 2014 година. Иако првично поттикнати од најавите за воведување на државни испити во високото образование, пленумот делуваше и на останати општествени теми. Лошиот квалитет на високото образование, животниот стандард на студентите, лошите младински политики, невидливиот економски просперитет за младиот човек во Македонија, но и репресијата од власта, само дополнително ги мобилизираше студентите.

Студентското здружување дава простор да се истражува и размислува за младите кои незадоволни од нивната состојба во Македонија, земаат активно учество во креирање на јавните политики, преку кое сакаат да ја подобрат моменталната ситуација. Со тоа, тие наместо да заминат од државата, стануваат симбол на општествен отпор.

Овој труд го истражува развојот на младинското будење преку различните етапи од постоењето на Студентскиот пленум според теориската рамка и го истражува влијанието на студентското здружување кон личниот и политичкиот развој на младите кои биле негови членови. Исто така, трудот ги истражува групните динамики во Студентскиот пленум низ призмата на различностите меѓу членовите.

Во прилог се наоѓа истражувањето.

(инфографик 1)

  • Сакам дома да живеам: Влијанието на студентското здружување кон личниот и политичкиот развој на младите кои биле дел од Студентскиот пленум [.pdf 765KB]