Новости

Приказната за европската интеграција на Македонија 2.0

Институтот за европска политика (ЕПИ) го одржа настанот Форум Еуропеум на 29 септември, четири месеци по формирањето на новата Влада. Форумот овозможи отворена и конструктивна дискусија помеѓу државните чинители, експерти од странската и од домашната академска заедница и невладиниот сектор, за искористување на позитивниот момент. Истовремено, беше дискутирана и заложбата на ЕУ кон проширувањето, односот кон земјите на Западниот Балкан и особено најавата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за (не)проширувањето на Унијата до 2025 година. Крајна цел на настанот беше утврдување на заеднички идеи за рестартирање на македонската приказна, верзија 2, на патот кон ЕУ.

Преглед

По тешката политичка криза, чиј расплет почна со изборот на новата Влада, Република Македонија се наоѓа пред нови предизвици со кои допрва треба да се соочи за откочување на евроатлантската перспективата на државата. Во ова насока новата Влада се заложи за реализација на низа реформски мерки содржани во Планот 3-6-9.  Последователно, во делот на надворешно-политичките односи, беше склучен Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка меѓу Република Македонија и Бугарија, а потоа беа поставени основи за обновување на односите со Грција преку интензивни билатерални средби помеѓу министрите за надворешни работи и преку воспоставување на иницијални механизми и мерки за градење на доверба.

Позитивниот момент кој е создаден со враќањето на европската агенда во јавноста треба мудро да се искористи, а притоа грешките од минатото да не се повторат. Со тоа, Владата на Република Македонија треба да ја замени условената препорака со чиста препорака за почеток на преговорите, со што индикативно ќе се одмери напредокот остварен во политичките критериуми – особено во владеење на правото. Досега Европската Унија преку нејзините институции и земји членки активно ги подржуваше напорите и процесите на Владата за враќање на земјата на европскиот пат. Од друга страна, активно треба да се застапува европската агенда на Македонија, за нејзино вклучување во Патоказот на Европската Унија за интегрирање на земјите од Западен Балкан најдоцна до 2025 година. Само јасен сигнал за поддршка на понатамошната нормализација на политичкиот амбиент може да доведе до внатрешно консолидирање на сопствените ресурси и преточување на реформските процеси во пракса.

На конференцијата говореа:

  • ● Д-р Симонида Кацарска, ЕПИ;
  • ● Д-р Ардита Абази-Имери (Dr. Ardita Abazi Imeri), ЕПИ;
  • ● Радмила Шекеринска, заменик-претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана;
  • ● Никола Попоски, пратеник и поранешен министер за надворешни работи;
  • ● Д-р Антоанета Димитрова, вонредна професорка на Универзитетот во Лајден;
  • ● Д-р Адам Фејган (Dr. Adam Fagan), професор, раководител на катедра, Универзитет „Квин Мери“ (Queen Mary University);
  • ● Александар Јованоски, ЕПИ;
  • ● Д-р Малинка Ристевска-Јорданова, ЕПИ;
  • ● Д-р Фатмир Бесими (Dr. Fatmir Besimi), поранешен заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања;
  • ● Јулијана Николова, Центар за модернизација на политики, Софија;
  • ● Тобијас Флесенкемпер (Tobias Flessenkemper), виш научен соработник и директор на одделот за проекти на Балканот во Европскиот институт CIFE, Ница;
  • ● Димитар Белчев, поранешен дипломат;
  • ● Сашо Клековски, независен консултант. 

Во прилог се наоѓа документот за јавна политика Приказната за европската интеграција на Македонија 2.0, во кој се содржани наодите од дискусијата одржана на Форум Еуропеум 2017.

  • Приказната за европската интеграција на Македонија 2.0 - документ за јавна политика [.pdf 880KB]