Новости

Предлог за итни демократски реформи: Јавна администрација

Јавната администрација e силно политизирана и користена како еден од главните столбови на партискиот клиентелизам. Честите промени на законската рамка, нејзиното селективно спроведување и недостигот од транспарентност, создадоа несигурност внатре во администрацијата, но и во однос на обезбедувањето услуги за граѓаните. 

Предложените мерки за јавната администрација се во насока на зајакнување на системот на вработување и унапредување врз основа на вредностите и заслугите, кој ќе поттикнува професионализам и компетентност во јавната администрација. Крајната цел е да се врати интегритетот на институциите и довербата во нив, како и да се постигне пропорционално димензионирана, професионална, политички независна и ефикасна администрација. Имајќи ја предвид длабоко вкоренетата практика на мешање на државата и партијата, новата Влада мора да обезбеди ефективно одвојување на државата од партијата. 

Транспарентност и отчетност на јавните институции е еден од приоритетите кои обезбедуваат увид во работата на институциите од страна на граѓаните. За таа цел, потребно е зголемување на обемот на отворените податоци од Владата и институциите и создавање на упатства за нивно управување. Овде спаѓаат објавување на годишни извештаи, планови и стратегии, како и редовно објавување на дневни редови, записници и одлуки од одржани седници на Владата. Дополнително, потребна е ревизија на класифицираните информации и доделување надлежност на Комисијата за слободен пристап до информации да може да иницира прекршочни постапки.

Управување со човечките ресурси содржи мерки за подобрување на структурата во јавната администрација, како и спречување на злоупотребата во партиски цели. Предвидено е зголемување на транспарентноста на податоците за вработени, преку објавување на листи за тековно вработени, но и привремено вработени лица, како и доследна ревизија на постапките за селекција во 2015 и 2016 година. Се препорачува враќање на стариот формат на дисциплинските комисии, составени од три члена и ревидирање на методологијата за евалуација на вработените.

Унапредување на примената на Законот за општа управна постапка е можна само со идентификување на клучните предизвици и предлагање на решенија за нив. Со цел доследна примена на ЗОУП, се препорачува формирање на организациони единици за ОУП.

Инклузивна и квалитетна Стратегија за реформа на јавната администрација треба да се изработи преку претходна функционална анализа на сите институции од власта и јавниот сектор како основа. Авторите на документот предлагаат воспоставување на група на високи државни службеници, кои ќе бидат целосно професионални, како и темелно уредување на прашањето за кабинетите на политичките раководители. Воедно, треба да се разгледа можноста за напуштање на системот на отворени работни места, или пак воспоставување на поригорозен систем на кариера. Во Стратегијата значајно е да се предвиди систем на обука на административните службеници, како и обезбедување на интероперабилност на различните бази на податоци.

Креирање инклузивни политики врз основа на докази треба да обезбеди подобар консултативен процес, кој ќе произведе поквалитетни законски решенија. Министерствата треба целосно да ја спроведуваат проценката на влијание на регулативата, да прават самоевалуација на консултативниот процес, како и да спроведуваат на екс-пост анализи на усвоените закони. Нужно е времето за консултации на ЕНЕР да биде продолжено на најмалку 20 дена.

Примена на принципот на соодветна и правична застапеност треба да биде доследно имплементиран при новите и стари вработувања, земајќи го предвид и принципот на заслуга. Неопходно е воспоставување на модел за управување со различностите во рамките на јавната администрација, како и влучување на помалите етнички заедници во овој принцип.

Целосниот документ се наоѓа на линкот: Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи 2017.


Во изготвувањето на поглавјето за јавна администрација учествуваа: Асоцијација за развојни иницијативи ЗЕНИТ; Здружение за локален развој Акција плус, Ресен; Евротинк – Центар за европски стратегии; Институт за европска политика – Скопје; Фондација Отворено општество – Македонија; Центар за управување со промени; Драган Гоцевски; Методија Димовски; Бранимир Јовановиќ*

* учествувал само во Блупринт 2016.