Новости

Презентиран План за итни демократски реформи - 2017

Денес на прес конференција беше презентирана надградена верзија на „План за итни демократски реформи“ кој првично беше создаден во 2016 година. Со оглед на променетите околности, граѓанските организации го ревидираа и надградија првичниот план, со кој предвидуваат 14 области за итни демократски реформи.

Целта на документот е да даде поттик, насоки и детални активности кои се неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, за постигнување напредок во одредени области од јавните политики, како и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Оттука, овој предлог е визија на учесниците за тоа кои мерки, државните институции треба да ги применат и тоа на краток тримесечен рок, како и мерки кои треба да се завршат во наредните шест, девет и 12 месеци. Предлогот не е исцрпна листа на сите мерки кои е потребно да бидат спроведени во Македонија, но е патоказ за тоа што е најважно и потребно да биде сторено во наредните 12 месеци.

Областите на јавни политики разработени во документот се: јавни финансии и економија; правосудство; борба против корупцијата; избори и изборен систем; јавна администрација; контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање; Собрание; граѓанско општество; социјална заштита, благосостојба и одржливост; образование и младински политики; животна средина; енергетика; култура и здравство.

На прес конференцијата беше презентиран и предлогот граѓанското општество да биде вклучено во консултации со државата, преку создавање на консултативен совет во Владата на РМ, во кој би учествувале граѓанските организации, назначување на лица за контакт во министерствата, како и учество на граѓанските организации во работните тела на Собранието на РМ

Мерките со кои се дополнува Предлогот за итни демократски реформи беа разгледани во јули 2017 година на форум на граѓански организации, експерти и научници кои во текот на два дена ги ревидираа минатогодишните предлози и подготвија втора верзија. На форумот учество земаа 146 лица кои претставуваа 73 граѓански организации.

Документот и листата на граѓански организации можете да ги најдете во линковите во прилог.

  • Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи 2017 [.pdf 1100KB]
  • Организации од Предлог итни демократски реформи 2017 [.pdf 206KB]