Новости

На денешен ден пред 67 години беше поставен темелот на заедничка Европа

EU-flag

Photo: Håkan Dahlström (CC BY 2.0)

На денешен ден пред 67 години, Роберт Шуман, министер за надворешни работи на Франција, предлага создавање на Европска заедница за јаглен и челик. Идејата доаѓа 5 години по завршувањето на Втората светска војна, со цел трајната соработка на државите во Европа да биде темелот за чување на мирот на континентот. По две Светски војни на континентот, мирот изгледал скоро недостижен. Потребно било, како што рекол Черчил, „да се вратат едноставните радости и надежи кои го прават животот вреден да се живее“.

Сепак, основачите на тогашната заедница - Белгија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија и Западна Германија, инспирирани од сонот за заедничка иднина, покажуваат дека можат да го запрат циклусот на насилство и одмазда на континентот. Тие успеваат да ја воспостават основата за она што е Европската Унијата денес – заедница во која владее мир 7 декади, темелена на владеење на правото и дом на 500 милиони граѓани кои можат да уживаат во различноста на културите, традициите и идеите. 

На патот кон постабилна и попросперитетна Европа се уште стојат многу предизвици, како за самата Унија, така и за пристапувањето на Република Македонија.

Еден од основачите на Европската Унија, Шуман, во 1950 кажа: „Европа нема да биде направена одеднаш, ниту пак следејќи еден план. Европа ќе биде направена преку конкретни постигнувања, кои пред се, ќе обезбедат фактичка солидарност.“ Затоа, како што до сега се трансформираше, така единствено посветеноста на државите и нејзините граѓани можат вистински да придонесат кон одржување и напредок на идејата за заедничка Европа.

Честит ден на Европа!