Новости

[Студија] Ромите на македонските граници

Визната либерализација е една од најголемите придобивки од преговорите за влез во ЕУ за земјите од Западен Балкан. Но, веднаш по укинувањето на визниот режим, голем број граѓани од балканот решија да бараат азил во западноевропските земји. Овој чекор претставуваше административен товар за европските земји, па затоа тие се одлучија за „радикален“ чекор – закана за враќање на визниот режим за земјите од каде што доаѓаат овие луѓе.

На почетокот Албанците и Ромите беа посочувани како лажни азиланти, но со текот на времето, обвинувањето остана само кон Ромите. Поради заканите од повеќе инстанци на ЕУ, владите од Западниот Балкан почнаа да вршат зајакнати проверки на границите, истовремено забранувајќи им на „потенцијалните баратели на азил“ да ги преминат државните граници. Овие мерки ги разбудија предрасудите кон Ромската заедница и дополнително им ги отежнаа веќе лошите услови со кои се соочуваат.

Ромите во Македонија беа расно профилирани на граничните премини, при што граничната полиција се повикуваше на усна наредба и писмена телеграма од Министерството за внатрешни работи. Дополнително, праксата на граничните полицајци да не издаваат никакви документи за преминување на границата им го оневозможуваше правото на граѓаните да поднесат жалба против ваквата одлука.

Сепак работите почнаа да се менуваат од 2014 година, кога основните судови во Македонија утврдуваат дискриминаторско постапување од страна на МВР поради кршење на правото на еднаквост. Во 2016 година, министерот за внатрешни работи за првпат јавно се огласи за оваа практика, нарекувајќи ја дискриминацијата на Ромите на граничните премини како недозволива.

Преку анализа на случаи и интервјуа со луѓето вратени од границата, се обидовме да ја доловиме сликата за ситуацијата во која се наоѓаат Ромите. Воедно, преку лобирање кај МВР и останатите надлежни институции, се потрудивме да влијаеме за напуштање на дискриминаторската практика, но и да ја подигнеме општествената свест за овој проблем.

  • Ромите на македонските граници - основна студија [.pdf 887KB]